Трибина „Отпадот – богатсво за граѓаните, не загадувач“

Во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со отпад во Прилеп“, здружението ПАКТИС организираше трибина на тема „Отпадот – богатство за граѓаните, не загадувач“, на која учество зедоа околу 50 граѓани, како и релевантни експерти по темата, сертифицирани лица за управување со отпад, лица со искуство за производство на Биогас врз база на отпад, членови на Совет на општина Прилеп и претставник на „ЈКП Комуналец“ Прилеп.

Со свои излагања и презентации учество зедоа:

  • Др. Гордана Антулеска Белческа, на тема: Колку општината при управувањето со отпадот, придонесува за зачувување на здравјето на граѓаните?
  • Дипл. Инж. Арх. Кирил Настески на тема: Општина Прилеп низ планот и програмата за управување со отпад.
  • Дипл. Маш. Инж. Зоран Апостолоски на тема: Компостирање или анаеробна ферментација? – Предности и слабости.
  • Дипл. Ек. Благица Димеска на тема: Регионално управување со отпадот – Колку општината се вклучува во овој интегриран систем на управување со отпадот?

Истовремено на трибината беше промовиран прирачник со наслов „Од отпад, до енергија“ којшто е во издание на здружението ПАКТИС и во кој е направена сеопфатна анализа на капацитетите и можностите на општина Прилеп да изгради инсталација за производство на Биогас врз база на биоразградливиот отпад (Биомасата), која се создава во општината.

Дополнително, во прирачникот е ставен акцент на предлогот за формирање на Јавно претпријатие за енергија и топлификација, кое ќе стопанисува со инсталација за производство на Биогас врз база на разградливиот отпад во Прилеп. Со ова, граѓаните ќе имаат директна корист, преку можноста за искористување на добиениот Биогас за:

  • Загревање на Јавните здравствени и школски установи,
  • Намалување на сметките за јавно осветлување,
  • Бесплатен јавен превоз,
  • Нови работни места,
  • Прекинување со наплата за подигање на отпад од домаќинствата.
  • Нови работни места.

Присутните земајќи активно учество се вклучија со дискусии на прашањата:

  • Дали отпадот претставува само ѓубре кое што треба само да се исфрли на депониите, или насекаде во животната средина?
  • Има ли безбеден начин отпадот само да се одложи?
  • Дали отпадот може да се искористи за комерцијални цели?

Со оваа активност Здружението ПАКТИС продолжува со поткревање на свеста на граѓаните и институциите за профитабилноста на отпадот и социо – економскиот бенефит за граѓаните од изградбата на фабрика за производство на Биогас врза база на Биомасата, со која ќе стопанисува и управува Општината.