Иницијатива – Обнова на споменикот кај Дабница

Центарот за стратегии и развиј „ПАКТИС“ – Прилеп, како дел од проектот „Граѓански активатор“ на здружението „Плоштад слобода“ – Скопје, покрена иницијатива за акцентирање на проблемот со спомен обележјето од „Масакрот кај Дабница“ близу Прилеп и потребата од негово обновување, реставрирање и уредување.

Спомен обележјето за масакрот, кој се случил на 19 септември 1942 година кај прилепското село Дабница, кога 19 луѓе биле стрелани од страна на бугарскиот фашистички окупатор, денес е целосно запоставен, а просторот во непосредна близина се користи како дива депонија.

Бронзената статуа излеана во бронза од страна на првиот академски образован скулптор во Македонија, Димо Тодоровски (1910 – 1983), која долго време стоела во чест на загинатите е украдена во 2002-та година. Оттогаш до денес не е покрената никаква иницијатива за реставрација на споменикот.

Имајќи ја во предвид огромната историска важност на местото и настанот за Прилеп, заедно со граѓанските организации, активистите и заинтересираните граѓани, во текот на вчерашниот ден организиравме акција за чистење на локацијата, со што отстранивме најголем дел од ѓубрето близу споменикот.

Покрај акцијата за чистење, пред учесниците во иницијативата се обратија некоку лица, кои изнесоја историски факти за „Масакрот кај Дабница“, како и сведоштва за преживеаните.

Имено, историчарот Рубинчо Белчески, ги изнесе податоците за немилиот настан, за храброста на 19-те убиени, во чија чест денес имињата ги носат многу улици во Прилеп, а две од вкупно шест училишта во градот ги носат имињата на Рампо Левката и Добре Јованоски, исто така настрадани во дабничкиот масакар.

Додека, пак, Илија Велкоски, внук на Петко Велкоски – единствениот кој го преживеал стрелањето, говореше за кажувањата и сведочењата на неговиот чичко.

Воедно, се обрати и Филип Јовановски, претставник на здружението „Плоштад слобода“, кој зборуваше за општествениот бенефит од граѓанскиот активизам.

Со надеж дека ќе ја промениме суровата реалност на спомен обележјето и дека нашата иницијатива ќе придонесе за зголемување на грижата кон овој споменик од славното минато на градот херој, испраќаме апел до надлежните и до сите заинтересирани, да сторат се во рамки на своите можности и ингеренции, за конечно обновување и реставрирање на скулптурата.