Граѓанска иницијатива: Потпиши се за бесплатна енергија!

Здружението Центар за стратегии и развој ПАКТИС Прилеп во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со отпад во Прилеп“, започна со спроведување на неформална граѓанска петиција: во рамките на Локалната самоуправа – Општина Прилеп, да се формира Јавно комунално претпријатие за производство на енергија и топлификација, коешто ќе превземе активности за искористувањето на биоразградливиот отпад за добивање на алтернативна енергија, преку изградба на фабрика (Инсталација) за производство на Биогас.

Петиција ќе се спроведува во текот на целиот месец Март 2016 година, во кој период граѓаните од општина Прилеп ќе можат да дадат директна поддршка за оваа граѓанска иницијатива, ставајќи свој личен потпис.

Ги повикуваме граѓаните на општина Прилеп да го посетат информативниот штанд за петицијата, којшто секоја среда и сабота ќе биде поставен на градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“, да се потпишат и да поразговараат со волонтерите за предностите кои се промовираат со оваа иницијатива.

Дополнително сите заинтересирани граѓани ќе можат да се потпишат на иницијативата секој работен ден од 10 до 16 часот во просториите на Здружение ПАКТИС Прилеп со адреса на Ул. Трајко Сандански А2-1 (зградата над даночно одделение од Локалната Самоуправа), а истовремено ќе можат да се потпишат и на интернет петицијата која е достапна на страната www.pactismk.com, каде можат да прочитаат и повеќе информации за проектот.

Регионот на општина Прилеп располага со идеални количини на биоразградлив отпад (биомаса), со што целосно се оправдува потребата од изградба на Инсталација (Фабрика) за производство на Биогас во рамки на општината, од која граѓаните ќе имаат големи предности и можности за социо-економски придобивки:

• Снабдување со алтернативно гориво на институции од областа на образованието, здравството и социјалните установи.

• Снабдување со гориво на идната топлификација и гасификација на Прилеп.

• Намалени сметки за подигнување на отпадот, улично осветлување, греење, користење на јавниот превоз и слично за граѓаните, фармите, стопанските субјекти и земјоделците.

• Нови работни места и зголемена енергетска независност.

• Намалување и редуцирање на отпадот од легалната и дивите депонии.