АЈДЕ! - ПЛАТФОРМА ЗА ГРАЃАНСКА ПОЛИТИКА

Проглас

Почитувани граѓанки и граѓани,

Демократија не е можна без активни и здружени граѓани! Се здружуваме за да ги вратиме слободата, демократијата и социјалната правда во Република Македонија!

Денес, тие се загрозени токму од оние кои треба да ги штитат. Денес, Македонија е сиромашна, неправедна и сè позатворена земја. Денес, демократијата е сведена само на гласање на избори.

За нас, демократијата значи фер услови за натпревар на идеи и почитување на различностите. За нас, социјалната правда значи намалување на социјалните разлики, а не корумпирање на најранливите и газење врз нивното достоинство. Ние веруваме во слобода, правда и еднаквост за сите и ја продолжуваме антифашистичката традиција врз која се темели нашата држава.

Политиката ни припаѓа нам, на граѓаните, и затоа се здружуваме како слободоумни поединци со различни погледи и идеи. Отворени сме за сите кои се препознаваат во вредностите за кои се залагаме.

Секој глас, став и демократски напор се подеднакво важни. Не се стремиме да бидеме едногласни. Секоја, дури и најмала лична битка против неправдата е и наша борба, која ја поддржуваме, цениме и поттикнуваме. Солидарноста е нашата водилка. Нашата цел е да ги зајакнеме и здружиме расцепканите демократски сили во земјата. Немаме намера да го монополизираме просторот за акција.

Повикуваме на широка мобилизација за да ги разбудиме надежта и храброста кај луѓето.

Не можат да нè замолчат сите! Не можат да нè оковаат сите!

Колку и да притискаат, мнозинството граѓани не прифаќа да биде уценето, поткупено и заплашено. Меѓу нас секогаш имало и ќе има луѓе кои гласно зборуваат и се противставуваат на неправдите и на насилството.

Доста дозволувавме голата желба за власт и за апсолутна контрола да ни ги продаваат како нови вредности! Доста им дозволувавме грабежот и богатењето со народни пари да го маскираат како борба за националните и етничките каузи!

Почитувани, придружете ни се во борбата против узурпаторите на слободата и демократијата. Придружете ни се да ја разобличиме ароганцијата на лажните патриоти. Затоа што само оние кои учествувале во освојувањето на слободата ќе знаат во иднина вистински да ја ценат!

Платформа за граѓанска политика Ајде!

23.12.2014

Проекти